Македонски сојуз во Шведска - афирмација на македонското име и културното наследство Македонскиот сојуз во Шведска е најширока асоцијација на македонските иселеници во Скандинавија. МС ги обединува интересите и ги координира активностите на своите членови - 12 македонски друштва и клубови, а како почесни членски организации во рамките на МС се и двете македонски православни црковни општини (МПЦО) во Малме и Гетеборг. На 14 мај 1978 година во Трелеборг е одржано Основачко собрание на Интересната заедница на македонските друштва и клубови во Шведска. На овој собир делегатите од 14 асоцијации го избраа првото раководство на македонската заедница и ги утврдија смерниците на дејноста, од кои добар дел се уште се актуелни:
На второто годишно собрание во 1981 година Интересната заедница доби ново име - Македонски координативен одбор (МКО). На барање на МКО во септември 1980 година за првпат се слушна македонски јазик на Шведското радио, а нешто подоцна беа емитувани и неколку телевизиски емисии на македонски јазик. Македонската радио-емисија престана да се емитува на почетокот на 1988 година, а моментно се емитува радио-емисија на македонски јазик, „Македонски глас“, на подрачјето на Гетеборг на фреквенцијата на локалното Радио Ангеред 106,3 МХз. На 9 мај 1992 се одржа оснивачко собрание на кое Македонскиот координативен одбор прерасна во Македонски сојуз, како самостојна и централна организација на македонските друштва и клубови во Шведска. Три години по основањето, МС доби рамноправен статус со останатите централни доселенички организации, добивајќи едновремено и буџетски дотации за финансирање на своите активности и за водење на сопствената администрација и информативна дејност. Под покровителство на МС традиционално секоја година се организираат неколку културни манифестации: Ден на македонската поезија во Шведска, кој се одржува кон крајот на март, Ден на македонската култура во мај и Младинскиот фестивал во октомври. Како дел од МС, свои активности остварува и Женскиот актив, кој планира и реализира разни форми на соработка меѓу женските секции при македонските друштва и клубови. МС има и свој Хуманитарен одбор, кој главно се занимава со собирање и испраќање хуманитарна помош за здравствените установи во РМ. Од пред извесно време под чадорот на МС функционира и Деловно-консултативен совет. МС дејствува како неполитичка и непрофитна организација.
|