50 ГОДИНИ ОД ДОАЃАЊЕТО НА МАКЕДОНСКИ ШИВАЧКИ

Пред пет децении во Борос пристигнаа 72 жени од Македонија за да почнат да работат во текстилната фабрика „Алготс“. Дел од тие жени денес се членки во Македонското друштво „Кочо Рацин“ и за наесен, на 7 октомври, ја планираат својата јубилејна прослава. Прочитај повеќе

 

ДЕН НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА 2017

Во рамките на програмата на годинашната традиционална манифестација Ден на македонската култура во Шведска, што се одржа на 20 мај во Фолкетс парк во Трелеборг, настапија учесници од неколку друштва. Домаќинот, друштвото „Пелистер“, се погрижи за убава и пријатна атмосфера во која пред бројната публика се претставија младите фолклористи на друштвото „Гоце Делчев“ од Гетеборг и на МПЦО „Св.Наум Охридски“ од Малме, како и сениорската фолклорна група од Трелеборг. Се одржа и натпреварот Вешта жена, а специјални гости од Македонија беа орекстарот „Прилепски мелос“ и пејачката Елена Јовческа, како и познатиот музичар, етномузиколог Драган Даутовски. Културниот дел од програмата привлече големо внимание, а присутните ги поздравија македонската амбасадорка Александра Наќева Ружин и претседателката на Македонскиот сојуз Гордана Крклинска.

 

СОСТАНОК НА СОВЕТОТ НА МАКЕДОНСКИОТ СОЈУЗ

Македонскиот сојуз го одржа своето годишно неизборно собрание, состанок на Советот, на 1 април во просториите на друштвото „Кочо Рацин“ во Борос. На собранието, со кое раководеше Работниот секретаријат на МС во состав Горадана Крклинска, претседател, Јован Божиновски, потпретседател и Илија Марковски, благајник, присуствуваа и претседателите на македонските друштва и клубови. Беа усвоени програмата за работа и буџетот на МС за 2017 година, а беше разгледана и активноста на македонските асоцијации и нивните тековни планови. Посебно место во дискусијата беше посветено на потребата од поактивен пристап кон зголемување на членството во друштвата и клубовите и со тоа и на Македонскиот сојуз во целина.

 

ДИЈАСПОРАТА ОСТАНА БЕЗ ПРАТЕНИЦИ ВО СОБРАНИЕТО

На избирачките места за гласање во странство излегле само 5.980 или 40,17 отсто, што е недоволно за избор на пратеник.
Ова се конечните резултати од гласањето во дијаспората што ги објави ДИК од 100 отсто пребројани гласови - ВМРО-ДПМНЕ освоила 3.246 гласа, СДСМ 1.605, ДУИ 875 и ВМРО за Македонија 84 гласа. Иако за гласање беа пријавени повеќе од 20.000 гласачи од дијаспората, на гласање излегле само 5.980 или 40,17 отсто што е недоволно за избор на пратеник. Дијаспората за прв пат на овие избори важеше за една изборна единица за разлика од претходно кога оттаму се избираа тројца пратеници. Инаку, избирачите во дијаспората и овојпат гласаа за партиите бидејќи кандидатите за пратеници во дијаспората речиси воопшто не се ни појавија меѓу избирачите.

Прочитај уште: Дијаспора - морал и гласање

 

ПОЕТСКО ЧИТАЊЕ ВО МАКЕДОНСКАТА АМБАСАДА

Претседателството на Македонскиот сојуз на 8-9 октомври имаше богата работна програма во Стокхолм. Беа остварени контакти со претставници на АБФ и со друштвото „Даме Груев“, а Претседателството на МС и на Женскиот актив одржаа и состанок со амбасадорот на РМ во Стокхолм Александра Наќева Ружин. Во просториите на Македонската амбасада во шведската престолнина се одржа и поетско читање во кое настапија десетина автори, а во рамки на програмата на манифестацијата во Амбасадата претседателката на МС Гордана Крклинска им врачи плакети за почесно членство во Македонскиот сојуз на Јован Божиновски од Гетеборг, кој во неколку мандати во изминатите години ја извршуваше функцијата претседател на МС, како и на Томас Густафсон од Борос, кој моментно е секретар на Шведско-македонското друштво на пријателство и раководи со пројект во Кочани кој се финансира со средства од Меѓународниот центар „Улоф Палме“ во Стокхолм.

 

ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА ПОЕЗИЈА ВО ШВЕДСКА

Традиционалната манифестација Ден на македонската поезија во Шведска се одржа по 26-и пат на 24 септември 2016 година во Гетеборг во просториите на Македонското друштво „Гоце Делчев“. Во поетското читање учествуваа петнаесетина автори, како и ученици кои рецитираа стихови од познати македонски поети.

На манифестацијата присуствуваа и пратеничката во шведскиот Парламент Гунила Карлсон, како и претседателот на Шведско-македонското друштво на пријателство Петер Персон кому во оваа пригода претседателката на МС Гордана Крклинска му врачи плакета за почесен член на Македонскиот сојуз. Плакета за почесно членство му беше врачена и на Гоце Џуков, актуелен претседател на „Гоце Делчев“, а неодамна за почесен член на МС беше прогласен и Петруш Атанасовски.

Како гостинка од Македонија на Денот на македонската поезија учествуваше Јулијана Наумовска, членка на здружението „Златно перо“ од Битола, при што беше промовиран и поетски зборник во издание на ова здружение во кој со свои стихови се застапени неколку автори од Гетеборг: Тереза Шалевска-Мирчева, Сузана Ѓорушевска и Румена Пупавац. По завршувањето на манифестацијата се одржа и годишно собрание на Македонското поетско друштво „Дениција“ за чиј претседател повторно е избран Ивица Челиковиќ.

 

МАКЕДОНИЈА ОДБЕЛЕЖА 25 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ

Република Македонија го одбележа 8 Септември – Денот на независноста.

На 8 септември 1991 година, се одржа референдумот на кој граѓаните со обедливо мнозинство од над 95 отсто се изјаснија за самостојна и независна држава, одговарајќи позитивно на референдумското прашање:

„Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

Претходно, на 25 јануари 1991 година првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои Декларацијата за незавиност.

На 17 ноември 1991 година Собранието го донесе новиот Устав на државата, што беше следен важен чекор во зацврстувањето на државноста.

Прва држава која ја призна Македонија како независна и самостојна држава беше Република Бугарија. На 8 април 1993 година со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето на Грција околу спорот со името, Македонија во Обединетите нации беше примена под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија.

 

ИТАРЕН АПЕЛ ЗА ФИНАНСИСКА ПОМОШ за надминување на последиците од поплавите во Македонија

Донации може да се испратат до Црвениот крст на РМ на следнава сметка:

NAME OF THE ORGANISATION: MACEDONIAN RED CROSS
BANK NAME: KOMERCIJALNA BANKA AD SKOPJE
BANK ADRESS: UL. ORCE NIKOLOV NO.3. 1000 SKOPJE MACEDONIA
BANK ACCOUNT:30000000000013325730522-11
SWIFT CODE: KOBSMK2X
IBANCODE: MK07300701000001228

 

ИСЕЛЕНИЧКИТЕ ПРИЗНАНИЈА ДА СЕ ДОДЕЛУВААТ СО ПОГОЛЕМА ОБЈЕКТИВНОСТ

Соопштение на Претседателството на Македонскиот сојуз во Шведска по повод одлуката за годинашните иселенички признанија повеќе

 

ИСЕЛЕНИЧКИ ПРИЗНАНИЈА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ - ЗЛАТНА КОКОШКА НА БУНИШТЕ

Вест за годинешните иселенички признанија од претседателот на РМ Ѓорге Иванов ризикува бранот на очекуваната сатисфакција меѓу членовите на Македонскиот сојуз да го претвори во незадоволства, негативни реакции и збунетост поради леснотијата со која највисоките македонски државни органи ги донесуваат своите одлуки, често без проверка и ауважување на фактите и реалните состојби повеќе

 

ПОВЕЛБА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ДОДЕЛЕНА НА МАКЕДОНСКИОТ СОЈУЗ

Кабинетот на Претседателот на РМ додели две одлукувања за иселенички заслуги во Шведска - за истакнати поединци и организации во дијаспората. Доделени се Медал за заслуги (признание за истакнати поединци) на Лилјана Столиковска Андовска и Повелба на Република Македонија што му е доделена на Македонскиот сојуз во Шведска. Врачувањето на овие значајни признанија ќе се одржи во втората половуна на јули во Охрид. Меѓу годинашните добитници се и Иван Трповски од Австралија, Борче Величковски од Србија и Кирил Христовски од САД.

 

ДЕН НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА - 7 МАЈ, ТРЕЛЕБОРГ

Во Фолкпаркен во Трелеборг на 7 мај се одржa традиционалната манифестација Ден на македонската култура во Шведска под покривителство на Македонскиот сојуз. Домаќин годинава беше друштвото „Пелистер“, а во богатата програма настапија фолклористи, пејачи, рецитатори и музичари од повеќе друштва - „Гоце Делчев“ од Гетеборг, „11 Октомври“ од Хелсингборг и МПЦО „Св.Наум Охридски“ од Малме. Се одржи и натпревар во кулинарство, „Вешта жена“ со учество на жени од шест друштва, а првото место го освои „Македонија 91“ од Халмстад. Специјални гости беа членовите на театарскиот ансамбал на МНТ од Скопје со претставата „Марко Цепенко“. Во рамки на програмата претседателката на МС Гордана Крклинска им врачи плакети на Аница Велковска и Илија Марковски кои се прогласени за почесни членови на Македонскиот сојуз. Вечерта заврши со музичка забава со популарната пејачка Сузана гавазова и оркестарот „Антика“.

 

ИЗБРАНО НОВО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО НА МС 2016-2018

На годишното собрание на Македонскиот сојуз кое се одржа на 2 април во просториите на ИФ „Вардар/Македонија“ во Гетеборг беше избрано ново Претседателство на МС со двегодишен мандат. Функцијата да биде нов претседател на Сојузот и е доверена на Гордана Крклинска од Гиславед, која во изминатиот мандат беше референт за култура. На собранието беше усвоена програма за работа и буџет за 2016 година. Беа назначени и почесни членови: Петер Персон, Томас Густавсон, Аница Николовска, Илија Марковски, Ѓорѓи Џуков, Абдула Таипов, Петруш Атанасовски и Јован Божиновски.

 

СЕМИНАР НА МАКЕДОНСКИОТ СОЈУЗ ВО ВИСКАДЕЛЕН

Во студијскиот центар Вискадален на 28-29 ноември се одржа семинар посветен на планирањето активности за 2016 година во рамки на дејноста на Македонскиот сојуз (МС) во Шведска. Во дводневната програма изготвена во соработка со АБФ учествуваа членовите на Претседателството на МС, претседателите на македонските друштва, како и претставници на АБФ Гетеборг и на Македонската амбасада во Стокхолм. Беа разгледани актуелни прашања поврзани со организирањето на сојузните културни манифестации, соработката со шведски организации, активностите на Женскиот актив, а беа разменети и мислења околу содржината на програмата за работа за наредната година. Во април 2016 година ќе се одржи годишно изборно собрание на МС. Посебно внимание во дискусијата привлече и прашањето поврзано со учеството на македонската дијаспора на парламентарните избори во Македонија.

 

Дома  |  За Нас  |  Om Oss  |  Новости и Активности  |  Друштва  |  Галерија  |  Претседателство на МС  |  Контакт
Македонски Сојуз ©2012.

 
Design by Centrog